Здружението за заштита на човековите права ОД НАС ЗА НАС ги чува и промовира основните човекови права на сите луѓе, без разлика на нивната сексуална ориентација, меѓу другото, и се спротивставува на малтретирањето и насилството кон било кој човек.
По повод новата Концепција за основно образование, согласно која родово-сензитивното образование е воведено како задолжителен концепт во сите одделенија од основното образование, со ова соопштение се огласуваме со цел јасно и транспарентно да ги обелодениме ставовите на Здружението за заштита на човековите права ОД НАС ЗА НАС на оваа тема, како и причините и намерата за дејствувањето на Здружението.
Ставот на Здружението, оформен после внимателно следење на официјалните информации презентирани преку јавните медиуми и мислењата на граѓаните, е дека воведувањето на родово-сензитивното образование претставува кршење на основните човекови права:
- Правото на луѓето да имаат СВОЕ морално и верско уверување,
- Правото на родителите првенствено да ги образуваат СВОИТЕ деца согласно СВОИТЕ морални и верски уверувања.
Институциите не се огласуваат по однос на ова прашање и континуирано го заобиколуваат и го затскриваат зад изборното сексуално образование во 9-то одделеление и/или рамноправноста меѓу биолошките мажи и жени. На прагот до новата учебна година која треба да почне од септември согласно новата Концепција во 1-во и 4-то одделение, наставните материјали не се достапни за увид на јавноста. Следствено, нашето мислење е оформено врз основа на анализата на верувањата кои ги застапува организациjата- предлагач на овој дел од Концепцијата, односно ХЕРА која е членка на Меѓународната Федерација за Планирано Родителство (IPPF), како и искуството од други земји каде IPPF го промовира/лобирала за овој тип на образование, документи на ООН, СЗО и други, за теми од сеопфатно сексуално образование (ССО).
Другиот аспект е сознанието дека основниот постулат на родово-сензитивното образование е родовиот идентитет кој се дефинира како флуиден и независен од полот, поради што голем број граѓани имаат верувања кои се спротивни на вредностите кои ги промовира родово-сензитивното образование. Сепак, им се заканува задолжително наметнување на програми за учење на нивните деца кои се спротивни на нивните морални и верски уверувања, со што директно се кршат претходно наведените човекови права загарантирани со Устав и други правно обврзувачки документи за заштита на човековите права.
Нашето Здружение за заштита на човековите права, во случајов, ги разгледува и застапува ставовите на дискриминираните, на оние кои не смеат јавно да го презентираат своето верско и морално уверување затоа што ќе бидат жестоко нападнати и посочени со најгруби епитети – недозволиви за општество во кое секој има право на морално и верско уверување загарантирано со Устав.
Оваа проблематика не е специфична само за нашата држава, туку според сознанијата на Здружението истата е карактеристика за голем број држави во светот.
Бидејќи согласно анализите на Здружението, официјалните институции и медиуми не информираат или информираат само еднострана вистина за родово-сензитивното образование, нашето Здружение има за цел да ја презентира другата страна на вистината изложена преку научни трудови, прегледи и мислења на стручни лица (при што стручноста ја цениме на основа на нивните стручни квалификации и функции кои ги извршуваат (ле) и кои се официјално признати), како и искуствата од други држави. Цениме дека искуствата од други држави, во услови на молк на институциите, се важна информација за граѓаните, особено имајќи предвид дека нашата држава се обврзала да исполни меѓународни обврски како резултат на кои ОН препорачуваат земјата: „Да интегрира во училишните програми задолжително, соодветно на возраста, сексуално образование, вклучително и образование за сексуално и репродуктивно здравје и права, осигурувајќи дека наставниците играат значајна улога во борбата против родовите стереотипи“.
Затоа, на нашите медиуми ќе бидат презентирани единствено еднострани информации кои се против родово-сензитивното образование и поопштото ССО. Но, нагласуваме дека причината за тоа не е фактот што ние сакаме да наметнеме некакво уверување врз другите, туку застануваме во одбрана на оние кои се во опасност да не можат да уживаат во своето право на морално и верско уверување и во своето родителско право да ги образуваат своите деца согласно своите уверувања, поради агресивната пропаганда на и цензура од промоторите на родово-сензитивното образование и поширокото ССО.
За сите информации кои се обелоденети од страна на здружението ОД НАС ЗА НАС, обелоденет е и изворот на информациите, за да секој разумен и свесен граѓанин може да донесе одлука согласно своите верски и морални уверувања – право загарантирано со Уставот!
Ги повикуваме граѓаните да пристапат внимателно кон вестите кои се презентираат на официјалните медиуми како единствена вистина во поддршка на актуелни владини политики и преку детална анализа на СИТЕ информации кои им се достапни, да пристапат критички за целите на формирање на нивниот личен став.
Исто така, целта на Здружението е да ги повика институциите да се огласат во јавноста на оваа тема која е од особен интерес на граѓаните и јасно и транспарентно да го образложат овој дел од Концепцијата и да одговорат на прашањата на граѓаните.
Како и за останатите теми кои ги обработува нашето Здружение, така и за оваа, нашиот став е дека треба да се почитуваат основните човекови права: за морално и верско уверување, право на негово јавно изразување, право на родителите првенствено да го одберат образованието на своите деца согласно своите уверувања, итн. Покрај различните морални и верски уверувања на оваа тема, неспорно е дека науката не е единствена и струката не е единствена, исто така.
Драги читатели, Ве повикуваме детално и критички да ги читате сите наши објави и да ја пријавите секоја конкретна, основана критика или сомнеж за неверодостојност на информациите кои ги објавуваме. Секоја информација која ќе биде доставена, ќе биде прегледана од наша страна и исходот од истото ќе биде јавно објавен со образложение за причините поради која препораката е прифатена или одбиена. Исто така, ве охрабруваме активно да ги следите и анализирате и информациите кои официјално се пласираат преку официјалните медиуми, МОН, ХЕРА, IPPF, Планирано Родителство, ОН, УНЕСКО, СЗО, СЕИКУС итн., до кои секој граѓанин има лесен и едноставен пристап.
На основа на анализа на сите информации, Ве повикуваме да донесете информирана одлука затоа што имаме ПРАВО НА ИЗБОР, имаме ПРАВО НА СОПСТВЕНО МОРАЛНО И ВЕРСКО УБЕДУВАЊЕ, имаме ОСНОВНО ЧОВЕКОВО ПРАВО, сѐ што бараме е почитување на истите. Наметнувањето на нечии убедувања НЕ СМЕЕ да биде ЗАДОЛЖИТЕЛЕН дел од ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ОБРАЗОВЕН СИСТЕМ.
Секоја дискредитација и навреда упатена кон здружението и/или неговите членови е само обид на официјалните институции, медиуми и промотори на програмите за ССО да ги дискредитираат и придушат информациите кои не им одговараат, а позади кои стојат голем број научни трудови, научници, доктори итн. ширум светот, а сè со цел граѓаните да немаат можност да донесат ИНФОРМИРАНА одлука!
Ви благодариме што нѐ следите!
Доколку цените дека некоја од објавените информации не е соодветна, не е вистинита, несоодветно е преведена од друг јазик или слично, Ве молиме да нѐ известите. Имајте предвид дека нашата работа е волонтерска и Здружението нема професионално ангажирани членови. Ви благодариме.