ССО – Апел до Собрание

На 4.2.2021 година Здружението ОД НАС ЗА НАС испрати електронска порака со прилог Апел за спротивставување на задолжителните елементи од Сеопфатното Сексуално Образование (ССО) во основните училишта. Дописот беше преведен и на албански јазик.






Апелот беше испратен до голем број пратеници во Собранието, без разлика на политичката припадност, а со исклучок на владејачката партија, бидејќи верувавме дека министерката веќе ги известила за нашите гледишта. Апелот, исто така беше испратен и до политичките партии кои не се дел од Парламентот, Комисијата за образование, наука и спорт при Собранието и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.


Мотивот за испраќање на овој допис беше информацијата објавена од страна на медиумите на 3.2.2021 година, со која јавноста беше известена дека на 5.2.2021 година ќе се одржи Јавна расправа во матичната комисија во Собранието за новата Концепција за основно образование, предложена од страна на МОН.

Со информацијата бевме известено и дека во рокот до 20.1.2021 година, до МОН пристигнале 30-тина предлози за нацрт-концепцијата.

Здружението за заштита на човековите права ОД НАС ЗА НАС, достави допис до МОН во предвидениот рок. Здружението не доби покана за присуство на горенаведената Јавна расправа. Информација за тоа дали и колку од лицата/ентитетите кои имале забелешки до МОН за темата на ССО или родово-сензитивното образование, ќе присуствуваат на Јавната расправа – немаме. Но, затоа имаме информација дека подносителот на Петицијата, која е и сè уште активна и можете да ја потпишете, исто така не добил покана за Јавната расправа.


Во продолжение е дописот кој беше испратен до МОН.


Апел за спротивставување на задолжителните елементи од Сеопфатното Сексуално Образование (ССО) во основните училишта


Почитувани,

Ви се обраќаме со цел да Ви предочиме еден дел од Нацрт верзијата на Концепцијата за основно образование која беше објавена на веб страницата на Министерството за образование и наука на ден 23.12.2020 година (во натамошниот текст: Концепт), а за која, особено до пред некое време, исклучително малку се споменуваше во јавноста.

Станува збор за Сеопфатното Сексуално Образование (ССО) кое МОН сака да го воведе во наставната програма во основните училишта и тоа по два основи:

  • Родово-Сензитивно Образование, како задолжителен елемент во сите одделенија од основното образование;
  • Сексуално Образование, како изборен предмет во напредните одделенија од основното образование.

Ние, Ви се обраќаме во врска со задолжителната природа на Родово-Сензитивно Образование. Ве известуваме дека воведувањето на задолжително Родово-Сензитивно Образование во наставната програма на основното образование е спротивно со моралното и верското убедување на голем дел граѓани во нашата држава, за што Здружението ОД НАС ЗА НАС го извести МОН со допис. Исто така, граѓаните потпишуваат Петиција, која меѓу другото го опфаќа и овој проблематичен аспект од Концептот.


Доколку и според Вашето морално убедување полот и родот (категоризацијата на машко и женско) е иста работа, наспроти идеологијата која би се промовирала со новиот Концепт дека родот е различна и независна категорија од полот и дека секој човек може да се чувствува како: машко, женско, ниту едно од тоа или пак и двете, без разлика на полот, тогаш и Вие го делите нашето убедување. Сепак, новата концепција под маската на родова-еднаквост и промоцијата на ССО како алатка за надминување на социјалните и општествени разлики меѓу мажите и жените, цел која секој би ја оправдал, во суштина зад затскриени врати, на крајно нетранспарентен начин има за цел да го воведе Родово-Сензитивното Образование кое на нашите деца ќе им ја промовира горенаведената родова идеологија, дека сосема е нормално машките деца ако сакаат да припаѓаат на женскиот род и обратно. Земајќи ја предвид задолжителната компонента, Вие, исто како и ние, иако спротивно на Вашите убедувања ќе морате да ги образувате Вашите деца согласно овој образовен систем.


Дозволете во прилогот кон овој допис, во документирана анализа, подетално да образложиме еден дел од причините за нашата загриженост и револт. Се надеваме дека истата детално ќе ја анализирате и во името на мнозинството граѓани на нашата земја ќе ја употребите за да се спротивставите на идејата за задолжителност на овој вид образование и исто така, за да ги упатите вистинските прашања до креаторите на овој Концепт бидејќи нам, граѓаните, тоа не ни беше дозволено да го направиме во јавна дебата.

Има уште многу други причини за загриженост за кои, со цел Ваше целосно информирање за другата страна на Концептот- онаа која нема да ја слушнете од неговите предлагачи, наведуваме дополнителни извори. Но, и 10-те експлицитно наведени во прилогот се веќе доволно.


Ве молиме детално да се информирате пред јавната расправа која треба да се одржи на 5.2.2021 година во Собранието, и искрено се надеваме дека голем број избраници од народот ќе застанат позади правото на избор на родителите да ги образуваат своите деца согласно своите верски и морални убедувања – право загарантирано со член 26 став (3) од Универзалната декларација за човекови права, и дека ќе го спречат ова присилно наметнување на ЗАДОЛЖИТЕЛНО образование како резултат на кое голем број граѓани нема да можат да го уживаат ова човеково право.


Со почит,

Претседател,
Гордана Гоџо

Во Скопје,
4.2.2021 година


ДОКУМЕНТИРАНА АНАЛИЗА


1. Видно од преписка меѓу Министерството за образование и наука и Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, иако не е експлицитно спомнато во Концептот, намерата на МОН е воведување токму на ССО во основното образование, за кое во преписката единствено се заговора начинот на кој истото ќе биде спроведено. Начинот кој е избран за првата фаза и обелоденет во Концептот, е опишан на почетокот на овој допис. Исто така, видно од преписката, иницијаторот за овој вид образование е здружението ХЕРА.


2. Здружението ХЕРА е членка на Меѓународната Федерација за Планирано Родителство (IPPF) кое е еден од главните промотори на ССО ширум светот. Според IPPF, ССО значи образование: сеопфатно, родово-сензитивно, засновано на сексуалните права.


3. Родово-сензитивното образование или „Обезбедување родова сензитивност/ рамноправност“ претставува поглавје на страна 11 во Концептот и како што е наведено во истото: „Ваквите содржини се застапени во наставните програми на сите предмети каде што тоа е можно…“.


4. Родово-сензитивното образование и организациите кои го промовираат застапуваат јасен став дека родот и полот не се иста работа. Според ХЕРА: „Родовиот идентитет се однесува на личното чувство, на сопственото доживување како маж, жена, ниту едното или и двете. Кај повеќето луѓе личното чувство за родот се совпаѓа со полот назначен при раѓањето, т.е. повеќето биолошки мажи се чувствуваат како мажи“.

Оттука, под маската на родова-еднаквост и промоцијата на ССО како алатка за надминување на социјалните и општествени разлики меѓу мажите и жените, цел која секој би ја оправдал, во суштина зад затскриени врати, на крајно нетранспарентен начин целта на родово-сензитивното образование е да се промовира горенаведената родова идеологија. Ќе се сложите дека оваа идеологија не е поддржана од мнозинството граѓани на нашата земја.


5. МОН не обезбеди простор за јавна расправа на оваа тема, а со цел граѓаните да останат неинформирани за сето горенаведено. Уште повеќе, оваа тема беше табу сè додека нашето Здружение, а во отсуство на конкретна наставна програма објавена од МОН, не почна на својата фејсбук страница да информира за искуството поврзано со ССО од другите држави во светот и регионот. Овој молк беше прекинат, така што вадејќи ги од контекст објавените информации од страна на Здружението, министерката Мила Царовска, наместо да даде детално образложение, се обиде да го дискредитира Здружението и неговите членови. За ова, Здружението испрати јавен и аргументиран демант.


6. После ваквото изнесување лаги и манипулирање на јавноста од страна на министерката Мила Царовска, дополнително загрижува фактот за натамошниот обид за манипулација на јавноста. Имено, во врска на наводните „невистини“ проширени од нашето Здружение, МОН се огласи во јавноста „смирувајќи ја“ дека сексуалното образование е еден изборен предмет во напредните одделенија на основните училишта. Да, предметот сексуално образование, како што и претходно наведовме е изборен предмет, но тоа што го премолчува МОН е задолжителната компонента на родово-сензитивното образование кое исто така е една од целите на ССО, како што претходно наведовме.


7. МОН пред јавноста и пред Вас доставува рамка за концепт која не е доволно јасна (или пак е контролирано нејасна), за која не дозволува јавна расправа, но за која МОН си дозволува да ја толкува зависно од приликите. Па, упорно настојувајќи да биде прикриена крајната цел, г. Јовановски за Канал 5 изјави: „Во новата концепција која е објавена на страната на МОН во делот за „родова сензитивност/рамноправност“ меѓу другото се образложува оправданоста за сексуално образование како придонес за намалување на распространетите родови стереотипи, нееднаквост, дискриминација и насилство“. Оттука, се прашуваме: Како тоа содржини кои ќе бидат „застапени во наставните програми на сите предмети каде што тоа е можно“, може да претставуваат образложение за изборен предмет кој се воведува во IX-то одделение?


8. Од Одлуката на Уставниот суд во Хрватска со која е повлечена одлуката да се воведе овој вид на образование, можевме да ги извлечеме следните информации.

Во Хрватска, на сличен начин и со поддршка на сродните институции како и кај нас, исто така се обиделе да го провлечат родово-сензитивното образование во наставната програма на основните и средните одделенија. Во Хрватска го нарекле Здравствено образование. Овој предмет било замислено да го сочинуваат 4 модули, од кои 4-тиот модул требало да има назив: IV. Сексуално / родова еднаквост и одговорно сексуално однесување. За останатите 3 модули и немало реакции од родителите, но за 4-тиот модул жестоко реагирале.

Вистина е, за разлика од нас кои располагаме само со контролирано нејасен концепт, граѓаните на Хрватска ја имале на увид комплетната наставна програма и литературата од која требало да учат децата.
Во врска со Здравственото образование, нивниот министер за наука, образование и спорт го кажал следното:

Согласно донесените одлуки на основа на кои е воведено здравственото образование, „здравственото образование како целина, односно индивидуалните четири модули вклучени во Наставната програма за здравствено образование, како негови сегменти, не се дизајнирани како посебен предмет/предмети. Ова се мултидисциплинарни содржини интегрирани во наставните програми на одделни наставни предмети, како што се: природа и општество, природа, биологија, физичка и здравствена култура, психологија итн., во рамките на часовите од распоредот, училишните проекти и други училишни активности“. Сличноста со наговестеното во нашиот Концепт е неспорна.

Понатаму, бидејќи постојано се повторувала тезата за родителските права, повикувајќи се на уставното право на родителите да ги воспитуваат свои деца, нивниот директор на Агенцијата за воспитување и образување, повторил дека „здравственото образование не може да биде изборен предмет затоа што 70% од содржината на здравствената едукација е застапена во постојните предмети: Биологија, Здравствена култура, Природа и Психологија (…). Здравствената едукација не може да биде изборна ниту во рамките на часот, бидејќи часот не е изборен (…)“.


9. Во Србија и Бугарија, пред неколку години, исто така е спречено овој вид образование да влезе во наставната програма на основното образование. Па, прашајте се, зошто ако е добро и прифатено образование, никој од нашите соседи не го сака? Дали Вие ќе дозволите нашите деца да бидат експеримент во регионот?


10. Како главни аргументи на МОН и организациите кои го пропагираат ССО, за негово воведување во образованието, најчесто се користат статистики за абортуси во тинејџерски години, сексуалните насилства, кои овој период случајно ја тресат јавноста во поголемиот дел од регионот, заедно со обидот за воведување на ССО, во истиот регион (кај нас по прв пат, а во Србија и Хрватска веќе по втор пат).

Но, дали овие аргументи се основана причина за воведување ССО во основното образование, може да се информирате од Прегледот од глобално истражување, од декември 2019 година, со кој се прави „Преиспитување на доказите за сеопфатното сексуално образование во училиштата“, а во кој е утврдено следното:



„Кога ќе се измери со кредибилни стандарди за ефективност изведени од областа за истражувањето на превенцијата, доказите најдени во меѓународната база на податоци на УНЕСКО не го поддржуваат тврдењето дека сеопфатно сексуално образование или ССО во училиштата (понекогаш наречено сеопфатно сексуално и репродуктивно здравствено образование) е ефективна стратегија за јавното здравје. Студиите покажуваат недостаток на одржливи ефекти врз важните исходи за заштита и загрижувачки број штетни влијанија врз учениците во училиштата. Креаторите на политиките треба да се откажат од плановите за глобално ширење на ССО во училиштата и да се продолжи со поинаков пристап за спречување на негативните последици од тинејџерска сексуална активност.“



За крај, Ве известуваме дека нашето здружение за заштита на човекови права ОД НАС ЗА НАС Скопје, внимателно го прегледа документот на МОН, но исто така направи и сериозни истражувања за позадината на Родово-Сензитивното Образование кое е дел од еден поширок концепт, т.н. Сеопфатно Сексуално Образование, како и за искуството во другите земји. Доколку сте заинтересирани и за натамошно истражување на оваа тема, целосен преглед од нашата анализа поделен во две статии и со целосно вклучени референци до изворите, за да можете самите да проверите и да се уверите, е достапен на следните линкови:

  1. Сексуално образование – заштита на здравјето на децата или нивна индоктринација
  2. Контроверзната страна на сеопфатното сексуално образование.