ССО – Допис до МОН

На 18.1.2021 година, во рамките на предвидениот рок, Здружението ОД НАС ЗА НАС испрати допис до МОН – Коментари, предлози и сугестии за унапредување на содржината на документот „Нацрт верзија на Концепцијата за основно образование“.

Со дописот Здружението го информираше МОН за грижите кои ги имаме ние, родителите, во врска со предложеното родово-сензитивно образование и сексуално образование, осврнувајќи се одделно и на двете теми.

Во врска со овој допис, не бевме контактирани од страна на МОН, не бевме повикани на „јавната расправа“ во матичната комисија во Собранието и до ден денес, во јавноста не се зборува за родово-сензитивното образование, туку истото се затскрива позади изборното сексуално образование. За оваа „јавна расправа“ покана не добил ниту подносителот на Петицијата, која е и сè уште активна и можете да ја потпишете.

Во објавата со која јавноста беше известена дека Владата ја усвои и даде поддршка за Концепцијата за основно образование, беше наведено:
„Се слушнаа и се прифатија стручни мислења од експерти, универзитетски професори, претставници од МАНУ, наставници граѓански и меѓународни организации“.


Имајќи гo предвид горенаведеното, како и бурните реакции на јавноста и за други области од Концепцијата, се прашуваме, дали беа слушнати и прифатени САМО оние стручни мислења од експерти, универзитетски професори, претставници од МАНУ, наставници граѓански и меѓународни организации, кои МОН сака да ги слушне?


Во продолжение е дописот кој беше испратен до МОН.




ДО: МИНИСТЕРСТВО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА
Ул. Ѓуро Ѓаковиќ бр. 61
1000 Скопје, Република Македонија
e-mail: koncepcija@mon.gov.mk

ПРЕДМЕТ: Коментари, предлози и сугестии за унапредување на содржината на документот „Нацрт верзија на Концепцијата за основно образование“.

Почитувани,

Ви се обраќаме во врска со Нацрт верзијата на Концепцијата за основно образование која е објавена на веб страницата на Министерството за образование и наука на ден 23.12.2020 година (во натамошниот текст: Концепт). Воедно, Ви се заблагодаруваме за можноста да ги доставиме нашите коментари, предлози и сугестии за унапредување на содржината на документот.

Нашето здружение за заштита на човекови права ОД НАС ЗА НАС Скопје, внимателно го прегледа документот, и исто така дополнително се информира за натамошните содржини кои следуваат после воведувањето на еден ваков концепт.

Врз основа на нашата анализа, цениме дека одредени делови од концептот кои се содржани во предложениот текст:

  1. претставуваат сериозна закана за нашите човекови права и слободи, и
  2. воведуваат обврзувачки правила кои се дискриминаторски за дел од популацијата која живее во нашата држава- која во овој случај претставува и најголемиот дел, имајќи ги предвид општествените, културолошките, етничките, религиозните и други аспекти од нашето опкружување.

Ние, родителите на нашите деца, сакаме да ги одгледаме, воспитаме и образуваме нашите деца согласно нашиот морален интегритет, што претставува неприкосновено право на човекот согласно член 11 од Уставот на нашата земја. Дополнително, согласно член 26 став (3) од Универзалната декларација за човекови права: „Родителите имаат првенствено право да го изберат видот на образованието што ќе им биде дадено на нивните деца.“.

Ве информираме дека: „задолжително предучилишно образование“, „зголемен број на часови“, „родово сензитивно образование“ и „сексуално образование“ е вид на образование кое голем број родители не би го избрале да им го дадат на своите деца, особено имајќи ја предвид возраста за која e предвидено. Исто така, имајќи предвид дека човековите права и слободи се загарантирани секому, макар и еден родител да не се согласува со образовната програма, треба да се најде начин да му се овозможи правото кое му е загарантирано со Универзалната декларација на човекови права.

Ние, родителите на нашите деца, сметаме дека образованието на нашите деца започнува од моментот на нивното раѓање, во кој процес ние сме целосно вклучени од самиот почеток. Образованието на нашите деца не почнува со почетокот на предучилишното или училишното образование. Со почетокот на предучилишното или училишното образование, нашите деца се веќе образовани – соодветно за возраста, од нас, родителите, на начин кој секогаш во преден план ги става нивните мислења, желби, потреби, степенот на нивниот развој, физичкото и менталното здравје. Оттука, генерализацијата дека „уште од најрана возраст, а особено изразено во пубертетот и адолесценцијата, момчињата и девојчињата се изложени на различни притисоци за родово специфична социјализација…“, претставува сериозен напад и навреда првенствено кон нас, родителите на нашите деца.

Што значи оваа реченица, можевме подетално да се информираме во „Образовниот пакет за учење теми за сексуалното насилство над децата за основните и средните училишта“ во Србија , што е секако чекор кој следува после предложениот Концепт. Во овој документ се поставува прашање:

„Со кого треба да разговарам за сексот, а да не врескаат и да не помислат дека сум опседнат со сексот?“. Но, исто така, даден е и одговорот: „Секогаш можеш да пронајдеш личност во која имаш доверба и која те почитува тебе и пред која можеш да си дозволиш на свој начин да ги поставуваш прашањата кои те интересираат. Родителите многу често НЕ ги знаат одговорите.“!

Оттука се прашуваме, дали понудениот концепт сака да ги „заштити“ децата од своите родители? На основа на изолирани проблематични случаи, во понудениот Концепт е направена крајно непримерна генерализација, која понатаму претставува основа за воведување на т.н. родово сензитивно образование и сексуално образование. Според нашето мислење истото не претставува ништо друго, туку наметнување (од најрана возраст) на нечија идеологија која е спротивна на нашите убедувања. Оттука, ваквиот концепт е спротивен на член 18 став (4) од Меѓународен пакт за граѓански и политички права: „Државите договорнички на овој Пакт се обврзуваат на почитување на слободата на родителите и во случај на потреба на законските старатели, да обезбедат верско и морално воспитување на своите деца согласно своите сопствени убедувања“. Следствено, постоењето на задолжително образование согласно овој Концепт, без можност родителите да одберат друга можност која би била согласно нивните убедувања, претставува присила која ја повредува нашата слобода да останеме при своето убедување по свој избор, што е спротивно на член 18 став (2) од истиот пакт.


Бидете јасно информирани дека „одгледувањето, воспитувањето и образувањето на нашите деца согласно нашиот морален интегритет и убедување“, во никој случај не значи и не треба да се разбере како такво, дека „децата се изложени на различни притисоци“, доколку не го прифатат истото кога ќе почувствуваат дека се доволно возрасни самите да одлучат, за било која тема. Родово сензитивното образование и сеопфатното сексуално образование се само еден мал дел од сите предизвици со кои се соочуваме, ние, родителите на нашите деца. Иако, сигурни сме дека и такви примери постојат. Но, за тоа државата треба да најде соодветен начин за нивно решавање кое нема да подразбира нечие ограничување на правата и слободите – како во овој случај.

Исто така, бидете јасно информирани дека „одгледувањето, воспитувањето и образувањето на нашите деца согласно нашиот морален интегритет и убедување“, во никој случај не значи и не треба да се разбере како такво, дека ние, родителите на нашите деца, поттикнуваме дискриминаторски чувства кон луѓе кои имаат различни убедувања од нашите. Напротив, според нас, секој облик на дискриминација е недозволив и треба да биде подеднакво третиран. Ниту еден вид на дискриминација не е, и не смее да биде помалку значаен од другите. Искреното залагање против дискриминација не смее да одделува, фаворизира или повеќе да нагласува само еден вид на дискриминација – како што е тоа случај со предложениот Концепт.

Секое поинакво толкување на нашите намери и излагање во овој допис, се обид за наша дискриминација поради нашите убедувања.


На основа на сето претходно наведено, ние, родителите на нашите деца, заклучуваме дека во предложениот Концепт, со делот кој се однесува на:

  1. задолжително предучилишно образование,
  2. зголемување број на часови,
  3. задолжително родово сензитивно образование во кое се промовира транс-родовата идеологија,

се загрозени нашите права и слободи бидејќи сметаме дека истото не може да биде во најдобриот интерес на сите деца. Ова го поткрепуваме со фактот дека сите деца не се исти и затоа што ние, родителите на нашите деца, сме убедени дека со способноста и инстинктот кои ни ги дала самата природа, можеме да оцениме дали и во кој степен од нивниот развој, примената на било која од сите претходно наведени точки е во најдобар интерес на нашите деца. Една големина, не може да биде соодветна за сите.

Со воведувањето задолжителност на горенаведените делови од Kонцептот, кои се спротивни на нашите убедувања, го ограничувате нашето првенствено право да го избереме видот на образованието што ќе им биде пружено на нашите деца. Со тоа постапувате спротивно на меѓународните документи, кои нашата земја се обврзала да ги почитува.


Со цел надминување на гореспоменатите сериозни проблеми во предложениот Концепт, што се однесува на претшколското образование, истото никако не смее да биде задолжително. Во однос на другите две точки предлагаме, со сила на закон:

1. да се овозможи „домашно школување“ по примерот на многу земји во светот каде се почитува правото на избор на образование. На тој начин родителите во целост ќе можат да го остварат своето право да изберат вид на образование кое е најсоодветно за нивните деца; и

2. во делот на националното образование:

a. да се воведе задолжителен минимален број на часови во наставната програма, кој во никој случај не смее да биде поголем од постојниот и

б. да се воведе можност, родителите кои сметаат дека одредени наставни содржини се спротивни на нивните убедувања, да ги заменат со наставни содржини од други предмети од наставната програма за кои родителот цени дека се во најдобар интерес на своето дете.


Улогата на родителот е првенствена во образованието на децата. Секој понуден концепт, кој родителот го става на второ место, затоа што „многу често не ги знае одговорите“ не е во најдобар интерес на децата. Здравјето и добробитта на нашите деца е нашето највредно нешто во животот. За нив, ние, родителите на нашите деца, ќе се бориме до последниот здив. Нема што да изгубиме.


Дополнително, би сакале да го ставиме на внимание Прегледот од глобално истражување од декември 2019 година, со кој се прави „Преиспитување на доказите за сеопфатното сексуално образование во училиштата“, а во кој е утврдено следното: „Кога ќе се измери со кредибилни стандарди за ефективност изведени од областа за истражувањето на превенцијата, доказите најдени во меѓународната база на податоци на УНЕСКО не го подржуваат тврдењето дека сеопфатно сексуално образование или ССО во училиштата (понекогаш наречено сеопфатно сексуално и репродуктивно здравствено образование) е ефектив на стратегија за јавното здравје.

Студиите покажуваат недостаток на одржливи ефекти врз важните исходи за заштита и загрижу вачки број штетни влијанија врз учениците во училиштата . Креаторите на политиките треба да се откажат од плановите за глобално ширење на ССО во училиштата и да се продолжи со поинаков пристап за спречување на негативните последици од тинејџерска сексуална активност
“.


Сигурни сме дека МОН работи единствено за интересот на децата, поради што ќе ги уважи нашите основани грижи и ќе најде начин за доследна примена на основните човекови права и слободи кои се гарантирани на секој човек.


Со почит,

Претседател,
Гордана Гоџо


Во Скопје,
18.1.2021 година