На 10.2.2021 година, Здружението се огласи кон своите следачи по повод обидот за наметнување на задолжително Сеопфатно Сексуално Образование од страна на Министерството за Образование и Наука
Во продолжение, соопштението:
Се огласуваме по повод тековните настани во врска со новата Концепција на МОН, за темата која беше предмет на интерес на нашето Здружение, односно Родово-Сензитивното Образование, а со цел јасно и транспарентно да ги обелодениме ставовите на Здружението за заштита на човековите права ОД НАС ЗА НАС на оваа тема, како и причините и намерата за дејствувањето на Здружението.
Ставот на Здружението, оформен после внимателно следење на официјалните информации презентирани преку јавните медиуми и мислењата на граѓаните, е дека воведувањето на Родово-Сензитивното Образование (кое во новата Концепција се воведува како ЗАДОЛЖИТЕЛЕН елемент во наставата на основното образование) претставува кршење на основните човекови права:
- Правото на луѓето да имаат СВОЕ морално и верско убедување,
- Правото на родителите првенствено да ги образуваат своите деца согласно СВОИТЕ морални и верски убедувања.
Поради тоа што институциите не се огласуваат по однос на ова прашање и континуирано го заобиколуваат и го затскриваат зад изборното сексуално образование во 9-то одделеление, нашето мислење е оформено врз основа на анализата на верувањата кои ги застапуваат организациите кои директно или индиректно се предлагачи на овој дел од Концепцијата. Другиот аспект е сознанието дека голем број граѓани имаат верувања кои се спротивни на верувањата на предлагачите на Концепцијата, но сепак им се заканува задолжително наметнување на програми за учење на нивните деца кои се спротивни на нивните морални и верски убедувања, со што директно се кршат претходно наведените човекови права загарантирани со Устав и други правно обврзувачки документи за заштита на човековите права.
Нашето Здружение за заштита на човековите права, во случајов, ги разгледува ставовите на дискриминираните, на оние кои не смеат јавно да го презентираат своето верско и морално убедување затоа што ќе бидат жестоко нападни и посочени со најгруби епитети – недозволиви за општество во кое секој има право на морално и верско убедување загарантирано со Устав.
Оваа проблематика не е специфична само за нашата држава, туку според сознанијата на Здружението истата е карактеристика за голем број држави во светот.
Бидејќи согласно анализите на Здружението, официјалните институции и медиуми не информираат или информираат само еднострана вистина за Родово-Сензитивното Образование, нашето Здружение има за цел да ја презентира другата страна на вистината изложена преку научни трудови, прегледи и мислења на стручни лица (при што стручноста ја цениме на основа на нивните стручни квалификации и функции кои ги извршуваат (ле) и кои се официјално признати), како и искуствата од други држави. Цениме дека искуствата од други држави, во услови на молк на институциите, се важна информација за граѓаните, особено имајќи предвид дека нашата држава се обврзала да исполни меѓународни обврски како резултат на кои ОН препорачуваат земјата: „Да интегрира во училишните програми задолжително, соодветно на возраста, сексуално образование, вклучително и образование за сексуално и репродуктивно здравје и права, осигурувајќи дека наставниците играат значајна улога во борбата против родовите стереотипи“.
Исто така, целта на Здружението е да ги повика институциите да се огласат во јавноста на оваа тема која е од особен интерес на граѓаните и јасно и транспарентно да го образложат овој дел од Концепцијата и да одговорат на прашањата на граѓаните.
Драги читатели, Ве повикуваме детално и критички да ги читате сите наши објави и да ја пријавите секоја конкретна, основана критика или сомнеж за неверодостојност на информациите кои ги објавуваме. Секоја информација која ќе биде доставена од нас, ќе биде прегледана и исходот од истото ќе биде јавно објавен со образложение за причините поради која препораката е прифатена или одбиена. Исто така, ве охрабруваме активно да ги следите и анализирате и информациите кои официјално се пласираат преку официјалните медиуми, МОН, ХЕРА, IPPF, Планирано Родителство, ОН, УНЕСКО, СЗО, СЕИКУС итн., до кои секој граѓанин има лесен и едноставен пристап.
На основа на анализа на сите информации, Ве повикуваме да донесете информирана одлука затоа што имаме ПРАВО НА ИЗБОР, имаме ПРАВО НА СОПСТВЕНО МОРАЛНО И ВЕРСКО УБЕДУВАЊЕ, имаме ОСНОВНО ЧОВЕКОВО ПРАВО, сѐ што бараме е почитување на истите. Наметнувањето на нечии убедувања НЕ СМЕЕ да биде ЗАДОЛЖИТЕЛЕН дел од ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ОБРАЗОВЕН СИСТЕМ.
Ви благодариме што нѐ следите!